НАШИТЕ НОВИ ВРЕДНОСТИ

 
Текстот е извадок од книгата
“Етика” од Д-р Кирил Темков

      Ќе се свртиме директно кон нас самите денес-за да разгледаме кои етнички вредности се соодветни за нашата сегашна историска и социјална ситуација.
      Ние сме денес веќе длабоко временски загазени во нов начин на живот,непознат досега во нашата историја, во кој сериозно е потресена нашата етика. Досега во модерното време веќе сме биле во такви драматични етички ситуации и понекогаш сме знаеле да се ориентираме и да се извлечеме. Денес ни се чини дека сме заталкале некаде од каде што не се гледа излезот или тој тешко се наѕира. При тоа се  огромни и неизвесностите во врска со моралната основа, форма и цврстина на нашата егзистенција.
     Што ни се има случено во овој век. Пред тоа,пет и пол столетија бевме во центарот на Османлиското царство, кое во XVII век беше најпространо царство во човечката историја, за да пропадне поради својата инертност и заостанување, што и предизвикуваше во неговите рамки да владее  стагнација и неразвиеност. Куртулувањето од тоа ропство беше страшно. По тоа,следните триесетина години бевме попришта на 4 војни и на неколку окупации, кои не даваа да се развиеме.Потоа 4  пол децении  живеевме во рамките на една нова социјална заедница, која најнапред имаше и прогресивни идеи и настапи, за да заврши како трагично најзаостаната држава и едно од најинертните општества на почвата на Европа.-Сиве овие тешки епохи покажуваат дека сме биле толчени и дотолчувани, дека сме се маткале по многу неизвесни цивилизациски патишта, односно дека веќе со векови се движиме меѓу пропасти и катастрофи. Тоа и услови, во времето на новата транзиција, која ни е шеста-седма во овие сто години, да влеземе неопремени, духовно неподготвени - зашто сî одново вредностите на тие многубројни транзициони периоди беа поинакви од предходните, но принципиелно доста нејасни и затоа нетрајни во нашата свест и опстојба.
     Во овие сто години навистина одиме од транзиција во транзиција.Транзиција значи преоден период.-Таква беше епохата на македонското општество кон крајот на XIX век, кога од рурално почнавме да преминуваме во урбано општество. На почетокот на нашиот век, во конвулзиите на националниот расцут и по катастрофата на обидот за национална револуција, го доживуваме големиот преоден период на Турција со Младотурската револуција. По избркувањето на турската држава од нашите простори и алчната поделба на Македонија меѓу нејзините соседи, и по трагичните виори на двете балкански војни и на Првата светска војна по нашите широчини, беше мошне тешка транзиција на едно изразито традиционално општество, какво што беше нашето, и достигањето на веќе делумно развиените окупаторски општества, кои при тоа воопшто не беа благонаклонети кон нас, а имаа и силни асимилаторски цели. Страшен беше периодот на големата економска депресија во триесеттите години, кој особено се беше почувствувал во Македонија, заедно со деградирачките ефекти на фашистичките тенденции на времето.По Втората светска војна, во која повторно бевме делени, застрашувани и преселувани од неколку големи фашистички воени и политички сили-транзицијата меѓу класичното општество и новиот социјализам беше радикална. Не останаа малечки последиците од универзалната трансформација на сопственоста, од дерурализацијата, односно од иселувањето од селото, впрочем и од неговото економско и социјално дотолчување, потем од паралелната забрзана урбанизација и индустријализација со мали средства, како и од неколку зачестени бранови културна револуција. Самиот социјализам, кој принципиелно беше дефиниран како универзален преоден периот, кај нас имаше барем уште два свои транзициони периоди-еден кога од доброразбраниот авторитарен социјализам, присушт за бедните по имот и дух, тргна кон либертерска разврска во философијата, културата, економијата и политиката, а потем уште еден, кога сето тоа самиот го урна, спроведувајќи една грандиозна бесмислена контрареволуција, која ги изеде сите создадени ресурси  и покажа колку кај нас се тенки основите на придобивките од предходните транзиции. Скопје, што, поради неговото значење  и големина, тоа значи и голем дел од Македонија, имаа свој особен преоден период по земјотресот. Имавме и пројави на вистински транзиционен период поврзани со заминувањето на луѓето на работа во странство, со нивните изменети сознанија таму и со нови донесени економски импулси, поткретени  и од една, одвреме-навреме, за нас силна економска моќ на семејствата произлезена од некои конјуктурна земјоделски активности.
     Некои од овие транзиции, иако, по претпоставка, требаше да водат нанапред, не беа тоа, туку големо назадување и духовна конвулзија.
      Сегашнава транзиција по паѓањето на социјалистичкиот режим и распоѓањето на федералната држава-е период што настапи по силна економска пропаст и огромни инфлации, придружен и со катастрофите на ужасната граѓанска војна, на чии рабови и самите се најдовме. Навистина навикнати сме на постојано менување, но оваа транзиција е жестока според изведбата, барањата и очекувањата-бидејки се однесува на нешто за што имаме малечки претпоставки, а идејно не сме подготвени за неа.
     Збрканоста и во мислите и во практиката е голема. Тоа не е чудно, но е тешко. Старите идеи, недоволно оправдани и во времето на нивното владеење, недоволно присвоени и тогаш, а сега начнати и скршени, се мешаат со новите, исто така, недоволно јасни и артикулирани. При тоа се јавуваат и деривати на примитивните и зли намери, според  широката практика на човекот да му е полесно да го прави  лошото, отколку да се воздигне над него и да не го прави-зашто, кога им е тешко, некои луѓе прибегнуваат кон архетипското зло, така осуштествувајќи ја својата животинска, а не цивилизирана човечка природа.
     Кај нас виреат много чудни идеи и вредности-фрустрирачки, малоѓраѓански и рурални, националистички, неразвиено религиозни, комунистички од различни насоки, посебно авторитарисчки-идеи и вредности кои се во спротивност со модерното општество, врз кои не  може да се базира очекуваниот модерен живот и надежната продуктивна современа етика. Односно, ние сме поприште на идеи кои се во конфронтација со замислата и основните насоки на сегашнава транзиција, за којашто, а приори сî верува дека не води напред.
     Токму заради тоа е потребна согледба на нашите нови етички животни вредности. Расправата за нив не е бесмислена, туку важна за осмислување на нашето однесување и ,воопшто, на нашата сегашна и идна опстојба.
     СО ВРЕДНОСТИТЕ човек ги изразува своите интереси, желби и стремежи, тие се духовен елемент со којшто тој ги поттикнува своите сили и ги оправдува своите настојувања, тие се негова важна внатрешна димензија, но и широка општествена мера, со која тој најдобро си ги мери своите достигања, своите духовни и материјални дострели, а во заедницата се оценуваат ориентациите, чекорите и постапките во нејзините рамки.
     Вредностите зборуваат за што се застапуваме, кон што сме свртени, што ни се допаѓа и што сакаме да ни се случи - но и што нам ни е спротивно и за што немаме разбирање и го отфрламе. Вредностите се израз на нашата свест за животот, за односите меѓу луѓето и за нашето постапување, тие се најголеми букви и најзначајни поими во големата книга на нашата Етика.
     При тоа, според логиката на аксиологијата, вредностите имаат своја скала. Се разликуваат најзначајните од помалку значајните, оние кои се незаобиколиви од оние кои се однесуваат само на прашањата што помалку се важни, оние вредности кои мораат да ги почитвуваат сите од оние кои можат да бидат предмет на индивидуален избор, оние кои се повлијателни и се шират врз сите други вредности и оние кои се толку ситни што нивното значење не може да се согледа, итн. итн.
     Оваа природа на скалило предизвикува и специфична поврзаност на вредностите. Повишите вредности, оние кои се на горните скали на нашето вреднување, кои ги сметаме за поважни, поважни се и при извршувањето - односно тие бараат да бидат сигурно спроведувани, бидејќи и нивната идеја и спроведување влијаат врз оние што ним им се подредени, додека оние вредности кои се на пониското скалило, можат да бидат и пренебрегнати, а во секој случај не влијаат многу врз општата вредност на етичкиот живот.
     Поради тоа ,и изборот на вредностите нивното споведување се јасен, недвосмислен показ за квалитетот на животната етика. Избраните високи вредности кои немаат големо влијание - се празни слики на еден идеалитет којшто никој не го почитува и прифаќа. Можно е да се појавуваат вредности за кои се мисли и вели дека не се најважни, но се следат и широко се применуваат. Тогаш тие ја даваат вистинската слика  за општеството и за луѓето во него - кои се тие, што сакаат, за што се заложуваат, како ќе успеат во своите намери, и слично.
      ПОСЛЕДНОВО е особено значајно. Во современите општества повеќе не се верува дека животот е просто одвивање, некаков механизам, нешто надвор од човекот, нешто што се случува без негово учество, нешто што се гради без човекова желба, настојување или вина. Затоа целината на животот се поврзува со идеите, или со вредностите, кои ги движат општеството и луѓето во нив. Поради тоа, не вредат повеќе мистификации во смисла дека постојат, односно дека луѓето веруваат во некои високи вредности, кои се божем идеални, а општествата одат надолу или пропаѓаат. Или обратно - не се замислуваа дека квалитетот на општеството и неговиот животен статус не зависат од главните вредности и од етиката што владеат во тоа општество. Така етиката, и како визија и како практика, директно е поврзана со квалитетот и напредувањето на општеството.
     Значи, современиот развиток на човековото општество е далеку од отфрлање на етиката како систем од вредности. Напртив, и се верува и се покажува дека се успе¡ни и имаат добра иднина само општествата кои имаат високи, модерни вредности.Таму каде што не се почитува етичноста, или вредностите на тоа општество се на ниски гранки, таков ќе биде и историскиот дострел на тоа општество, а животот скуден и бесперспективен. Ако за некое општество се вели дека не е јасно кои вредности владеат во него, тоа општество е во ситуација слична на хаотичната аморфност, од која не излегува ништо сигурно за неговите жители. Без добри визии и етички стандарди, тоа општество е и без иднина.
     Затоа на вредностиот систем, на изборот на главните вредности, на градењето на етиката врз стабилни добри, ефикасни вредности му се посветува големо внимание во политиката, во духовниот живот, во образованието, во севкупната култура и живејачка во сите современи општества .Од изборот, артикулираноста, ефикасноста на вредностите зависи виталноста на соодветната заедница, нејиниот прогрес.
     НОВИТЕ ЧОВЕЧКИ ОПШТЕСТВА не се срамат од страста за живот. Напротив, и нивните религии ги учат луѓето дека  животот, престојот на земјата, треба да го поминат што подобро, во што подобри услови, со што поголеми резултати, во што поголемо задоволство, во реализирано блаженство. Следствено, во новата социологија и етика не важи повеќе поделбата на добри идеалистички и лоши материјалистички вредности и насочености. Новите добри општества се се повеќе материјалистички, во смисла на широко оправданата потреба на луѓето да достигнат висок стандард и убав живот во сите аспекти  ,но и идеалистички, затоа што во нив се мисли дека целиот живот треба да биде арен, добро суреден и сообразен на желбите и стремежите на неговите членови и на една објективна слика за напредувањето.
     Всушност - највисоката универзална вредност на современото развиено човештво е напредувањето, развојот, прогресот. Тоа е прва задача на секоја нафака во секое денежно живо општество - смислата на секоја амбиција и зафат се мери според тоа дали обезбедува напредување, нивната оценка зависи од замислениот и реализираниот прогрес.
     Од едно апстрактно философско стојалиште, прогресот е барана, но не најнужна категорија и димензија на животот. На пример, може да се живее и со помалку средства, со помалку јадење и калории, со помалку предмети, во поскудни услови, со помалку ангажман, со малку грижи во однос на желбите и стремежите кон подобро и поразвиено. Сето тоа е можно, и така живеат светителите, свртени кон духовноста, кон самопознанието и самореализацијата низ својата стегнатост и строгоста на идеалот.
     Но, човештвото дојде до одредено ниво и ја отвори кутијата на богатството и човекот денес не мора да се стега за да биде етичен и да добие позитивна оценка во крајната сметка за животот. Богатите потреби од секаков карактер се денешна антриполошка мера. Оградите се прават само како свој личен избор и се неопходни само во однос на својата лична ситуација, која, пак, заради големите можности на суредените општества, може и кај средно талентираните, нормално ангажираните и стандардно моралните луѓе да биде на повисоко ниво. Шансите за живот денес не се поврзуваат со можноста за живеење, туку се вообичаена животна околност на секоја нормална личност во секое нормално современо општество.
      ОВА ПЛЕДОАЈЕ ЗА ПРОГРЕСОТ сепак е потребен кај нас, затоа што во нашиот дух и во широчината на разбирањето уште не заживеала идејата за општиот прогрес како услов за подобар живот. -Ние се согласуваме со идејата за судбината на која човек не и може ништо, која му ги определува местото и статусот во  животот, така неговите можности поврзувајши ги со железната нужност на немаштината, или со играта на случајот, или со добрата волја на моќниот. Тоа се сî ретроградни идеи, на чијшто раб денес се прави разграничување меѓу модерните слободни перспективи и застарени,затворени и завлечени општества. Исто така, од хоризонтот на ваквото старо однесување, и статусот на вредности е поинаков - тие не се неопходен елемент на вкупниот и личниот прогрес, бидејќи животот, како и неговото напредување и назадување, не зависат од содржината и квалитетот на вредностите кои ги одбираме и според кои го водиме својот живот, туку од иритационите елементи на неосознаниот живот. Се разбира, во таквите духовни околности и не преземаме ништо да ја дислоцираме улогата на вредностите во нашиот живот или да определиме нови вредности, кои подобро ќе ни помогнат да се приклучиме кон развиениот свет, кој живее поинаку.
     Најнегативниот резултат на ваквата индолентност кон разбирањето на значењето на прогресот и на вредностите за негово возникнување е-согласноста со стагнацијата или со назадувањето како животен резултат. Помирени со неможноста да влијаеме врз развитокот, свесно прифаќаме дека многу нешта во нашиот живот се одлични иако не е така. Или, пак, велиме дека се е многу добро, само се молиме да не биде полошо отколку што е. Или, под притисок на бедноста, изјавуваме дека, сепак, од животот веќе сме го виделе или зеле “најубавото”. Така, животот е или неидеализиран ентитет или нешто за што мислиме дека како врсдност веќе минало.
     Ако прогресот не е животна насока и највисока цел, не може да се разбере дека современиот свет не е илјадагодишно царство на истоста, туку секојдневна различност и подем. Во вакви констелации, стагнирањето, всушност, значи назадување, не само релативно - наспрема другите кои напредуваат, - туку апсолутно, бидејќи не се искористуваат потенцијалите за напредување и се деградира идејата за опстанок, на која повеќе не и се потребни духовни и морлни поттици. А за ситуацијата на назадување и за помиреноста со тоа - повеќе никој умен во денешиот свет нема зборови. Тоа е јавна и јасна духовна и реална смрт, умереност при живот, како кога, некогаш одамна, живите сонуваа да умрат, небаре некаде на друго место можат да најдат подобар, справедлив, воопшто некаков живот (сонуваа за тоа, имаа надеж, беа уверени во тоа).
     ВО ТАКВИТЕ ОКОЛНОСТИ, се разбира, се разликуваат и самите вредности, нивната смисла и содржина. Кај оние кои напредуваат, вредностите се  дел од животниот процесс, учествуваат во него, динамични се, се менуваат - поттикнувајќи, всушност, и личностите во тоа општество на аксиолошка креација, на дефинирање и редефинирање на вредностите, на нивно исполнување со содржина, на нивното мерење со постапувањата и остварувањата на повторно степенување на вредностната скала и на извлекување на нови вредности од оние веќе проверени и продуктивни. Така денес водечкиот свет е носител на учењата за човековите права и иницијатор за проширување на нивната листа и слично. Етиката е дел од прогресот.
     Овие пак чии општества стагнираат или назадуваат кон вредностите се однесуваат арбитрарно, како нешто што може, но немора да постои  и да се следи, нив ги одбираат според своите духовни дострели и интереси, не ги сомеруваат според достигнувањата на општеството или според промената на личниот статус, итн. Вредносниот свет не учествува во градењето на животот, туку е евентуално негов украс. Моралот не е дел од живиот свет и реалниот живот, туку дел од замислените идеални ситуации и од непостојниот свет на доблеста. Во таквите општества, етиката не е дел од прогресот.
     Поради тоа, денешното најголемо човечко сознание е дека прогресот на општеството и унапредувањето на личниот статус на неговите единки е крајната мера на квалитетот на животот и на животната етика на тоа општество.
     Кои се тоа високи вредности на современото општество, чие придружување може да го поттикне таквиот развој?

       ГЕНЕРАЛНАТА ЧОВЕЧКА ВРЕДНОСТ на  нашата епоха е индувидуализмот.

      Тоа е зародено веќе во првата етика на современото доба, кај Абелар во XI век, тоа е покажувано и развивано кај сите значајни културни епохи и правци на нашиот милениум - во Ренесансата, во рационализмот и во емпиризмот, во просветителството и во модернизмот, во слободарските тенденции од разна провениенција национални, религиозни, духовни, расни, во доктрината на граѓанското општество и на природните човечки права, во уметничките настојувања и научните ангажмани, во семејниот живот и во сите димензии на личниот живот, во сета валидна етика како теорија на моралната автономија, во сиот живот како став за правото на слобода и слободи.
     Индивидуализмот е дух на овој наш изминувачки милениум - иако некаде кон неговиот крај две такви силни корпоративистички идеи - фашизмот и комунистичкиот социјализам, кој него го атакуваат и се закануваат за навек да го искоренат од лицето на земјата. Но, во големата битка со духот и практиката на индивидуализмот - таквите назадувачки теории и практики спектакуларно загубија, толку беа унижени и така фрлени во пепел, што сериозните луѓе повеќе нема да ги земат предвид, иако заканите уште постојат и виреат во вид на разни национални, религиозни,духовни и содијални кохезии, кои божем се мошне вредни за човечкото доживување на светот и за квалитетот на неговата опстојба.
     Сето тоа покажува дека не е ситна работа тоа кој и каков живот, свет и вредносна насоченост ќе се одберат. Човечките светови не се само комплексни целости. Тие се и единствени целости, во смисла дека имаат една, најзначајна, суштествена нишка, која нив ги осветлува и димензиорнира, која е супстрат на сите манифестации, човечки дела, акции и потреби во тој свет. Човечкиот свет е космос - суреден сооднос на различни човечки настојувања и дејства, а не хаос - само истуреност и растуреност, неповрзани елементи, постоење и акција без смисла.
     Всушност, кога се зборува за еден свет и за неговата доминантна етика, се мисли, пред сé, на неговата логика - на смислата, на суштината на едно одредено општествено постоење, во чии рамки сите нешта се мерат со неговата главна вредносна насока. Од принципите, а најнапред од основниот принцип на еден свет - од којшто се изведуваат другите поважни, а потаму и поневажни начела - зависи и јасноста на сите животни и етички поими, што се сака , а што се отфрла, кон што се стремат луѓето од тој свет, а кон што не се свртени, и слично. На пример, во световите со различна основна ориентација поинаков е ставот за раѓањето деца, поинаква е содржината на нивното воспитување и на општествената грижа за нив, поинаква нивната иницијација, т.е. воведување на општествениот живот, и визијата за нивните задачи итн. Тоа се однесува на сите аспекти на животот - од јадењето до трошењето пари, од работењето до умирањето. Свеста за животот, содржината на животните настојувања, однесувањето на луѓето, квалитетот на односите во животот зависат од сознанијата, увереноста и исполнителноста што луѓето ја пројавуваат спрема своите морални вредности. А сето тоа е етика.
        Така денес на дело е верувањето дека индивидуата е поважен дел од човечкиот свет отколку општеството, односно дека животот треба да биде свртен, пред сé, кон обезбедување на нејзината корист, кон реализација на нејзините потреби и интереси. Се мисли дека општеството е собрница од индивидуи, и дека без оглед колку општеството е природно и неопходно, единките во него се позначајната страна на егзистенцијата, а не некоја апстракција на заедницата. Државата, на пример, се гради врз демократските принципи на индивидуалниот избор, а во својата современа концепција таа претставува само орган кој овозможува да се остварат стремежите и интересите на нејзините граѓани, итн. Сето тоа е врзано со главната идеја за прогресот - се верува дека индивидуата е помоќната сила на прогресот, дека нејзината енергија е посилна отколку можната обединителност на општеството, кое, покрај тоа, често прави грешки на затворање на единките и оневозможување на нивно слободно појавување. Слободата, главно, не се однесува на статусот на ( апстрактната ) човечка заедница, туку се замислува како животен квалитет, статус и динамика на индивидуите во неа.
        Напредувањето како нешто ефикасно, добро и неопходно се вообразува како индивидуално напредување - што е највисока стапка на целта; идеа лот е врзан за апсолутната единка на тој постамент.
        ТАКА ТАЈНАТА на односот колективизам - индивидуализам, кој го движи човечкото општество во неговиот пат во овие неколку илјади години цивилизација и рационален однос кон својот развиток, сега е решена како откривање на големиот квалитет и потенцијал на индивидуата наспроти смалениот капацитет на колективот и како првенство на егзистенцијата и на развојот на индивидуата наспроти обопштувачката замисла и активност на заедницата. Општеството се раѓа расте како израз на моќта и дострелите на неговите единки, а не тие да си ја согледуваат и остваруваат среќата низ перспективата на заедницата со “ развојот” на општеството како најзначаен животен ентитет.
       Бидејќи сега огромната широчина на оваа интересна и важна проблематика можеме да ја разгледаме само вака накусо - во етичка аксиолошка смисла можеме да заклучиме дека, како што животот се концентрира во единката, така таа станува и исклучителен субјект на етичноста, вистинските вредности го изразуваат нејзиниот интерес, моралните норми и постапувања се сконцентрирани кон достигање на интересите и среќата на единката, а животно и етички се посакувани, и ефикасни само замисите и дејностите поврзани со индивидуалитетот.
      Затоа ние сме шокирани во сегашнава транзиција, затоа што, врз вакви идејни основи, и прогресот се согледува низ сообразна преспектива. Досегашниот систем на нашето живеење, како и на многуте слични општества во светот, беше свтен кон колективизмот - заради тоа се запре напредувањето, а таа животна, социјална, политичка и етичка реалност стана неефективна, катастрофално заостануваше и со тоа го загуби историскиот и национален легитимитет. Во тој колективистички систем примордијалноста во сите работи ја имаше заедницата, а единката се остваруваше низ грижата и дејноста за заедницата и напредуваше заедно со напредокот на колективитетот. Така беа замислени и организирани економијата, политиката, културата, врз таков вредносен принцип беа поставени и нормирани моралот, правото и педагогијата. И егоизмот се задоволуваше со почитување и подлизување на колективизмот.
       Современиот водечки свет е премногу индивидуалистички настроен за во неговите околности колективизмот да даде добри и долготрајни резултати. Кога нашиот колективизам стана непродуктивен, а потем контрапродуктивен, со тоа само нагласено се покажа дека треба да се приклучиме кон тенденциите кои го движат современиот свет напред. Се разбира, сиот свет дејствува како целост и се стреми кон универзални тенденции, но неговите продуктивни форми денес не се градат врз првенството на заедницата, туку на индивидуалитетот.
       Заедничкото живеење денес, напредувањето и на нашето општество и на единките во него, социјалната заинтересираност во него, соодветната социјална страст, новата, активна човештина, новото разбирање и градење на светот, новата етика и новите и достојни цели, методи и вештини на борбата за живот - можат да се изградат само врз првенството на единката како конститутивен дел на заедницата, врз нејзиниот индивидуалистички сензибилитет и занес и врз субјективните идеи и дела.

      НА ТАКВАТА ПРОМЕНЕТА СЛИКА на светот и животот, на поинаквите животни и творечки сили и насоки - им соодветствуваат и други главни вредности. Нив во Антиката и Средновековието ги нарекуваа добродетели - вредносно зачинети и инспиративни визии и активности, кои човека етички го мотивираат и му овозможуваат и тој и другите да ги одмеруваат животот и дејствувањето.
      На пример, во Антиката многу се ценеа добродетелите храброст, разумност и умереност. Како срцевина која ги поврзува овие вредности, или која ќе се достигне низ нивната реализација, односно ако се живее храбро, разумно и умерено, античките мудреци ја согледуваа праведноста, справедливоста, како некој вид баланс во животот- добриот, исправниот, арниот човек е справедлив и кон задачите и кон блиските, а и неговиот живот и однесување инспирираат кон тоа во животот да владее справедливост.
      Денес е можно да не водат и тие вредности, како и некој други, кој се современи и поблиски на современоста. За некои од нив зборуваме претходните предавања од овој циклус- како што се должноста, утилитаризмот и други, кој се основни вредности на современиот свет.
      Меѓутоа, треба да се знае дека секоја заедница има потреба од различен систем на главните вредности - во согласност со тенденциите на нејзиниот живот и развиток. Кога јас размислувам кој се тоа главните вредности кој би требало да ја водат денешната македонска заедница, кои би помогнале таа да се осознае во својата целост и кој би овозможиле животот во неа да води кон напредок - сметам дека тоа би требало да бидат такви вредности кои би ги изразувале искуствата на нејзиното страдалништво, разните споменати транзиции кон новите животни ситуации и новата насоченост на општеството кон стабилизација и вклучување во современиот развиен свет. Не дека не ни се потребни храброста, разумноста и умереноста. Тие ни се неопходни, а по справедливоста просто пекаме. Од свртеноста кон должноста и од утилитаристичката етика само можеме да добиеме. Но, кога ќе ги измешаме сите карти, кога ќе се погледнеме историски, стратешки, економски, социјално, анрополошки - ни се наметнува приоритетот на четири вредности.

            Тоа се: Вистинитоста, Реализмот, Опортунизмот и Прагматизмот.

      ВИСТИНИТОСТА НИ Е НУЖНА по искуството на едно живеење од оптоварено со лаги и неоправдани занеси. Општеството од кое што излеговме имаше паталошка потреба од лага - и вистините кои ги кажуваше ги обвиткуваше во лага и животот кој го водеше за да ги оствари тие свои вистини, го водеше со лажни образложенија и со перваз на лага врз сиот комплекс од тие проблеми. На пример, првата лага беше дека се работи за супстанцијално слободно општество - не дефинирајки ја, при тоа, слободата, или сместувајки ја во погрешни, недоволно јасно образложени и во заблудени рамки.
      Бевме шизофреничко настроени да ја гледаме и да не ја согледуваме Вистината, да ја кажуваме лагата како вистина, а на вистината да не и гледаме в очи. Бевме земја стратешки определена за мир, а најмногу пари, општествена моќ и углед и енергија и дававме на војската. Бевме самоуправна земја, а немавме демократија, дури ни привидно демократски избори. Бевме социјалистичка земја, но со аристократски систем на социјални и политички сталежи и со вграден крепоснички систем. Бевме модерни со традиционален дух и она што беше вистинито и убаво во тој систем, заради универзалната лага не беше функционално и историски оправдано. Затоа не остана речиси ни една вистина и вредност од таа живеачка.
                        Ова општество што сега го градиме не може да биде лажливо, бидејки страшно ни е потребна земјата на која што тоа и припаѓа. Ако сакаме нашиот живот да го градиме врз цврсти темели, треба да го градиме со Вистина пред нас, во нас и за нас. Тоа принципиелно не би требало да е тешко - освен во совладувањето на закостеностите во нас. На пример, бидејки вистината треба да биде и содржина на комуникацијата со сиот свет - на другите не треба само понекогаш да им ја кажуваме вистината, која тие, впрочем, веќе ја знаат, бидејки минале низ вакви периоди и низ ваков степен на развој, а имаат и достапно вистинити информации за нас, дури и покрај нашата желба нештата да ги скриеме.
      Без Вистината како врвна и прва вредност, ќе живееме во светот како надвор од него, с
é ќе ни се случува како во некој илузорен живот, насоките ќе ни бидат измислени, дејствата необразложени, сонот наш дух, а животот неоправдано занесен и изместен.
      РЕАЛНОСТА Е ДИМЕНЗИЈАТА на животот која ни е најпотребна, а духот на нејзиното истакнување и прифаќање етички најпотребен. Без вистината ќе се лажеме, ќе си умислуваме, без Реализмот нема да живееме, ќе бидеме во светот не допирајќи го. Нашите раце треба да научат да го допираат светот и него вистински да го градат, нашата глава треба да биде свртена вистински кон него - нашите очи треба да ги гледаат нештата онакви какви што се, умот да ги сознава во нивната стварност, а зборовите да бидат искажувани за светот, а не за замислените и игриви елементи.
                        Реализмот е здив на зрелоста кој ни недостига - и во националното програмирање и во животната практика.
       Реализмот денес не значи просто имитирање на природноста и манифестирање на егоистичноста. Реализмот е денес визија на еден функционалистички свет, кој знае да стори се што ќе замисли, стига само замислите и нивните елементи, како и методите, да се реални. Реализмот е денес етички став на еден свет во кој има и виртуална стварност - на компјутерски замислени визии на светови кои навистина не постојат, но за кои човекот има сила и знаење да ги проицира и оправдано вдахновено живее.
                        Реалистичноста на нашата животна ориентација би ја сместила нашата етика таму каде што мора да биде ако сакаме да опстојуваме и да напредуваме - во субјектите, во слободата, во вистинската демократија, во информираноста, во допирот со светот, во високите идеали остварливи во развиените заедници, во вистинската моќ на економската база и на високите современи сознанија.
       ОПРТУНИЗМОТ Е ТРЕТАТА ВРЕДНОСТ која ни е неопходна. Таа позиција, инаку, не ја сакаат храбрите, која им личи на малограѓанско снаоѓање во животот- таа зборува за приспособувањето кон можностите. Можеби ништо не е подалеку од нашиот национален карактер ниту пострано во нашиот живот отколку необразложеното занесување со непостојна моќ. Некаде нешто е згрешено - најголемите заблуди на светот ни се насобраа во духот, инспирирајќи не да веруваме дека сите нешта ќе се наредат сами по себе, дека имаме повеќе сила, пари, углед отколку што ги имаме, дека можеме повеќе отколку што можеме и да замислиме, дека знаеме повеќе отколку што ни е достапно, дека сме повредни отколку што сме.
       Не само што не е лошо по некогаш човек да согледа вистински каде е и што може, туку нам ни е неопходно токму приклонувањето кон можното. Опасностите за нашиот живот се големи - од национални до егзистенцијални - а себеразбирањето, самоограничувањето, скромноста во визиите и определбите, всушност, ќе им дадат реален здив на животност на нашите мигови и настојувања. Опортунизмот е онаа класична средна мера, која ние треба да ја преземеме и спроведуваме во замислите за животот. Не станува збор за онаа вештачко источничко виткање врат пред посилното, од кое следува само ропско извлекување и забошотување на должноста, коешто, пак, го обожаваме како “опортунизам” - туку се работи за енергично себеснаоѓање во реалноста, чијшто дел е и вистинското извршување на должноста. Зафаќањето со разврзување на неразрешливите јазли за нас е поважно отколку царското расечување на клупкото со еден потег на мечот. Ние повеќе немаме цар Александар, ние сме обични луѓе, заостанати зад главната светска струја, пострана од светските текови, поразени во неколку големи историски и животни војни - и малку, или поголемо снаоѓање во тој нов дрзок и брз свет нема да ни биде одвишно.
       Среќа за свеснитре опортунисти може да биде тоа што тој нов забревтан свет не ги мрази и не ги отфрла оние кои сакаат да му се придружат, дури и ако се заостанати. Важна е одлуката за приклонувањето, етиката на прифаќањето на својата проблематична и на туѓата напредната реалност.
       ПРАГМАТИЗМОТ Е ЧЕТВРТАТА од овие главни вредности, за кои мислам дека ни се неопходни. Јас неа ја обожавам, иако самиот во својот живот ништо не сум научил од животот и од сопствените порази во него. Станува збор за практичноста како мера на ангажманот, на дејствувањето и на успешноста на замислата и нафаката. Прагматизмот го истакна како главна етичка и животна ориентација најуспешната нација на светот- Американците. Во споредба со нивните успеси, сите други во светот изгледаат малечки. Советскиот Сојуз не само што ги загуби земјите што тој ги владееше по светот, како и земјите што тој ги освои, туку ги загуби и земјите што ги освоил уште царот. Сите други општества и земји, ако мислат да напредуваат, мора да се придржуваат кон освоените американски принципи. Америка е земја и нација која има 5 отсто од светското население, произведува 25 отсто од целото светско производство, има најголема динамика на развојот погледнато за периодот од 100 години, прави 30 отсто од сите светски откритија ( и може да живее само од нив ) има најефтин и најдобар организиран живот на светот.  А таа нација ја води идејата на проверка на своите сознанија во практиката - па ако не се покажат успешни, или кога повеќе не се покажуваат успешни
( ако “ не работат “ ), тие треба да се менуваат, без неоправдана страст кон некоја нивна апсолутна вредност. Таков став произлегува од единственото достојно уверување во современото човештво - важен е човечкиот живот и успехот во дејствувањето. Сето друго се само варијанти на долгиот човеков пат низ историјата или на личното патешествие низ животот.
        Заради тоа и ја преведов маестралната книга “Прагматизмот” од Вилијам Џејмс и ја објавив пред пет години - за сите да научиме дека човекот има метод и сила да го пронајде вистинскиот пат, но мора да се сака себеси, да бара сила во себе, да се стреми да постигне нешто, да верува во својот ум и во можноста самиот да си ги најде решенијата, да не им робува на навиките, индолентностите и на мрзата и да има амбиција да биде повеќе човек отколку што му дала судбината.
        Всушност, прагматизмот е идеја и филозофија на зрелиот, развиен човек на денешницата, зад кого стојат милениумите на барање човечки пат и сила на современата сознајна и морална моќ на човеко.
        ВО СИМБИОЗАТА на изнесените четири наши нови вредности- Вистинитост, Реализам,Опорунизам,Прагматизам - сигурен сум дека се плете сигурноста и успешноста на нашата нова животна и историска позиција.
        Четири е митски број за добродетелите. Нивното добро одбирање и точно прецизирање може да ја максимизира човечката етичка сила.
        Со овие 4 вредности - Вистинитост, Реализам, Опортунизам, Прагматизам - знам што може да се постигне. Без нив, со нивно игнорирање, отфрлање, непочитување, неистакнување напред, согледувам дека ќе немаме прогрес и, поради тоа, ќе заостанеме. Без овие наши неопходни нови вредности ќе заталкаме, ќе одиме до себегубење и до уште едно пропаѓање.
       И ФУНКЦИОНИРАЊЕТО на аксиолошкиот систем на наведените нови четири вредности ја има стандардната вредност на резултатност - од нивните високи цели се обезбедува реализација на една нова, значајна вредност, која по себе не е повисока од нив, но е поврзана со нив, следи од нивното спроведување и има големо влијание врз квалитетот на сиот живот и врз целината на човечкото настојување и борба за живот. Вредностите Вистинитост, Реализам, Опортунизам и Прагматизам предизвикуваат возникнување и заживување на вредноста Иницијативност - како будење, незапирање, манифестирање на креативната и ангажирана индивидуалност, како раширен субјективен придонес кон прогресот, како универзално претприемаштво насочено кон обезбедување и на својата и на општата корист и напредување.
                        Иницијативноста е срцевина која ги поврзува новите вредности. За кои сонувам да бидат наши. Таа ни е нужна како пат на нашата човечка ревитализација, како средство за општо поткревање и реализирање на сите членови на нашата заедница - во која низ остварувањето на нивната силна етичка личност би се постигнало заживување и растеж на целата заедница, со корист за сите нејзини членови. Ако се живее во вистинитост, реалистично, со приклонување кон можното и со следење на прагматичното, би можеле да ја возникнеме општата Иницијативност, оној нагон и страст кон будење на своите сили и за нивно реализирање, како некој вид баланс во животот - оној човек кој ги сака вистинитоста, реалноста, можното и успешното тој е претприемчив, иницијативен, замислува добри задачи, себеси се гради исправно, а другите и блиските му се нужни за реализирање на важните реални цели, како што и неговиот живот и однесување инспирираат кон тоа во животот да владее иницијативност, корисна за сите.
        И зошто е уште важна иницијативноста за вас, во ова време кога се зародени и на дело се разни негативни тенденции, како што се : предавање на лошата судбина, помирување со назадувањето, неснаоѓање во животните дилеми и орјентации, неоправдани занеси, глупи конфликти и во личноста и во заедницата, паранонични постапки кои ја деградираат нашата опстојба, а посебно неморално однесување кое го уништува духот на заедништвото и на креативното добро чувствување.
       Иницијстивноста, придружена од Вистинитоста, Реализмот, Опортунизмот и Прагматизмот, па уште ако е проследена со морална строгост, која, инаку, му била присушта на овој народ и нему непријатна- ќе го направи она чудно кое е поголемо од сите сонувани пари кои би стигнале како помош од некаде или ќе биде понадежно од сите одеднаш решени проблеми, кои божем би ни овозможиле да се зафатиме со подобро организирање на животот. Токму спротивното, иницијативноста, побрзото добро организирање на животот ќе ги реши нашите проблеми, духовни, социјални и материјални - духовните да ги смести таму каде што им е местото, на социјалните да им ја ублажи лутата острина, на материјалните да им даде шанса да престанат веќе еднаш да ја мачат нашата егзистенција. Преку свртувањето кон Вистинитоста, Реализмот, Можното и Прагматичното- Иницијативноста би била наш дејствен и делотворен отпор против пропаѓањето, деградацијата, губењето шанси и надежи, а за вклучување во светот, за станување модерни (кои денес единствено успеваат), за наше будење и поткревање.
       ТАКВАТА ТРАНЗИЦИЈА не само што ни е потребна, туку тоа е единствената нејзина смисла. Инаку, зошто животот би се играл со нас, поставувајќи не пред предизвици на “преодните периоди” , ако ние нив не би ги сакале, кога би се сметале себеси за веќе умрени, кога за судбината би мислеле дека веќе ни е исткаена.
       Вредностите на вистинитоста, реализмот, опортунизмот и прагматичноста, со нивната симбиоза во иницијативноста, се главни етички и животни вредности на современиот напреден свет денес. Сигурен сум и дека се наш судбински предизвик во овој преоден час.
       Меѓутоа, треба да се знае. Покрај мачнотијата на нивната согледба и дооткривање, наспроти отпорите во душата и во инертните, несреќните и зломислечките луѓе тие вредности да се постават во сршта на нашата егзисенција - има уште една голема мака. Не е достатно за нив да се зборува.
        Тие треба да заживеат - во нашето срце, во нашиот ум, во нашиот живот, така духот на ефикасноста и на реалната моралност правејќи го наша етика. Простете што потсетувам на тие нови неизбежни обврски, цели и стремежи. Но, како што без Етика се губиме во животот, така нема никаде да стигнеме без тие наши нови неопходни етички и животни вредности.


Дополнителни ресурси:  
www.danas.co.yu