Здружението Интерактивна мрежа за образование и ресурси од Битола – ИМОР е основано на 21.03.2000 година и од тогаш успешно работи на оспособување на младите во духот на мултикултурно разбирање и соработка, граѓанско општество и демократија. ИМОР е организација која работи на принципот од млади за млади, односно, младите луѓе учестуваат во дизајнот на проектите на ИМОР во кои младите и младите лидери се главна целна група и крајни корисници. Во досегашниот период ИМОР има реализирано повеќе од 40 проекти во Македонија, во регионот и на меѓународно ниво. Некои од овие проекти се добитници на меѓународни признанија и меѓународни награди на престижни натпревари во конкуренција на стотици меѓународни проекти (Childnet Awards во Лондон, Stokholm Challenge во Стокхолм, Global Junior Challenge во Рим, European Schoolnet во Брисел).
Како организација која проектите претежно ги реализира онлајн уште од почетокот на својата работа, ИМОР и неговите млади активисти, од поодамна го препознаа проблемот на онлајн безбедност и другите онлајн закани. Затоа, ИМОР обраќа посебно внимание во својата работа на оваа проблематика и се повеќе работи на проекти кои целат кон оспособување на младите за безбедна онлајн работа, справување со и спротивставување на говорот на омраза, насилниот екстремизам и радикализацијата.

Исто така, финансиска писменост и финансиската инклузија, особено на младата популација, во Македонија е област на делување на ИМОР. ИМОР е член на работната група на Народната Банка за спроведување на Стратегијата за финансиска едукација и финансиска инклузија на Република Северна Македонија, 2021-2025.
Препознавајќи го вмрежувањето на организациите како еден од начините за поттикнување на разбирањето и соработката помеѓу младите и едукаторите од цел свет, ИМОР учествува во оформување на мрежи на организации во Македонија и пошироко и членува во вакви мрежи. Може да се истакне дека, ИМОР е рамноправна членка на меѓународната мрежа iEARN во која соработуваат едукатори и млади луѓе од повеќе од 120 земји стремејќи се кон создавање значајни разлики на глобално ниво. Исто така, ИМОР е една од малкуте организации од Македонија кои се членови на мрежата Networking European Civic Education – NECE.