банер

Биодиверзитет

биодиверзитет
Што е биодиверзитет?

Биодиверзитетот е збир на сите живи организми кои живеат на Земјата. Биодиверзитетот ги вклучува растенијата, животните, габите и микроорганизмите, па дури и бактериите. Стабилен биодиверзитет има во здрава животна средина.
Биодиверзитетот е поделен на три нивоа:

  1. разновидност на видовите
  2. генетска разновидност
  3. разновидноста на екосистемите

Разновидност на видовите

Разновидноста на видовите ја вклучува севкупноста на сите живи видови во еден регион. Под вид се подразбира видови на птици, цицачи, инсекти, бактерии, габи и растенија, кои се репродуцираат со цел да си обезбедат здраво поколение. Возрасните членови на одреден вид најчесто се слични по изглед, но може да има разлики во изгледот во зависност од полот или возраста. Од милиони различни видови најголем дел им припаѓа на животните. Од животните, најмногу видови се среќаваат кај инсектите.

Генетска разновидност

Секое растение, животно, габа или бактерија има одреден збир на гени. Гените на секоја единка и даваат збир на карактеристики. Разликите во гените меѓу различни единки во рамките на еден вид ги прави малку различни едени во однос на други. Овие разлики се нарекуваат генетски диверзитет.
Човечките суштества припаѓаат на еден вид. Ние не сме сите слични едни со други, но многу се разликуваме во однос на нашите најблиски роднини, шимпанзата. Ние меѓусебно се разликуваме бидејќи секој човек има различен сет на гени кои ја одредуваат висината, бојата на косата или бојата на очите. Исто така, овој сет на гени одредува крвна група, или дури и тенденција на одредени болести. Близнаците од една јајце клетка обично имаат идентични групи на гени.
Население(популација) е група на организми од одреден вид кои живеат заедно. Одредена популација најчесто има слични гени, кои се различни во споредба со другите популации на ист вид. Затоа од витално значење е сите популации да можат да преживеат со цел да се задржи генетскиот диверзитет. Колку е поголем бројот на различни гени во рамките на еден вид толку тој вид е поспособен да се адаптира на промените на климата или живеалиштето, има поголема веројатност да преживее и да продолжи да ги шири своите гени на потомството.

Разновидноста на екосистемите

Разновидноста на екосистеми е збир на различни видови на екосистеми на Земјата. Екосистемот ги вклучува сите живи единки во некоја животната средина, нивниот дом, водата, земјата, па дури и временските услови.
Различни екосистеми ги вклучуваат шумите, џунглите, реките, коралните гребени, карпите на плажите и пустините.
Многу е важно да се задржат различните екосистеми затоа што секој екосистем овозможува опстанок на голем број различни организми. Овие организми имаат различна функција: ја прочистуваат водата, го филтрираат воздух, ја менуваат температурата, го чистат природниот отпад, ја одржуваат земјата чиста и ја одржуваат рамнотежата во бројната состојба на различните организми. Покрај тоа, луѓето можат да ги користат нивните лековити својства, да добијат од нив текстилни влакна и други материјали.

 


© Web Design: UnaDesign