банер

Направи сам

Рециклирана хартија

Хартија може да се добие од различни материјали кави што се памукот, коноп, листови на банана, трева, тутун, но најчесто се добива од каша од целулоза добиена од дрвјата. Бидејќи за производство на нова хартија треба да се уништуваат шумите, рециклирањето на старата хартија е неопходно ако сакаме да ја зачуваме нашата околина и планетата на која живееме. Покрај рециклирањето на хартијата што се прави во фабриките, хартијата може да се рециклира и рачно за помали потреби (честитки, опаковки, кутии и слично). При рачно рециклирање на хартијата можеме да покажеме креативност со користење на многубројни комбинации на бои, мириси, текстури, облици и украси.

материјал за рециклирана хартија

ПОТРЕБЕН МАТЕРИЈАЛ:
Разни видови на хартија што можат да се користат:
- Весници
- Часописи
- Картонски влошки за јајца
- Хартија за принтање
- Таолет хартија
- Книжни марамчиња
- Книжни салветки
- Стари разгледници
- Картонски кеси
- Картонски кутии што не содржат восок
ПРИБОР:
- ножици
- стара закачалка од жица
- стари најлон чорапи
- бел лепак за хартија
- миксер
- пегла
- вода
- мијалник или сад наполнет со вода до висина од 15 cm

ПОСТАПКА
Квалитетот на хартијата зависи од тоа какви влакна користиме при изработка. Најдобро е да се користи мешавина од дебела и тенка хартија. Дебелата хартија има подолги влакна и на хартијата и дава цврстина, додека потенката хартија ја дава мекоста на текстурата.
1. Направи правоаголна рамка. Исправи ја жицата на старата закачалка и потоа свиткај ја во форма на правоаголник. За секое парче хартија потребна е нова рамка. На правоаголната рамка навлечи најлон чорапа така што чорапата ќе биде оптегната и рамна.
2. Собраната хартија исечете ја на делчиња од 2x2 cm. Ако користите хартија со различен квалитет тогаш делчињата одвојте ги во одделни купчиња.
3. На страна подгответе додатоци за декорација: кончиња, листови, семиња, зачини, мириси - етерични масла, украсни светки итн.
4. Наполнете го миксерот со вода приближно 3/4 од вкупната висина. Додадете една шака од исецканата хартија. Вклучете го миксерот неколку секунди. Додавајте ги различните видови на хартија една по една и повторувајте ја постапката на кратко миксување. Прво миксајте ги хартиите со кратки влакна, а потоа тврдата хартија со подолги влакна за да не дојде до кратење на долгите влакна. После завршувањето на миксањето треба да се добие густа каша. Ако сакате да добиете хартија во боја додадете боја за храна или лушпи од кромид.
5. Додадете ги додатоците за декорација без да го вклучувате миксерот. Само рачно лесно размешајте ја смесата. Не претерувајте со додатоци за декорација ако сакате да пишувате на хартијата.
6. Кашата од хартија истурете ја во садот/мијалникот со вода. Додадете 1 - 2 лажици лепак за хартија или дрво, течен штирак или густин. Со лесни движење промешајте за да кашата од хартија рамномерно се распореди во садот.
7. Заронете ја жичаната рамка во садот така што потполно ќе се потопи. Поставете ја рамката паралелно со дното на мијалникот/садот и лесно движете напред назад за да хартиената каша рамномерно се распореди на најлон чорапата.
8. Полека извадете ја жичаната рамка од садот (бројте до 20) и оставете ја една минута да се исцеди водата. Обесете ја рамката или оставете ја на сонце добро да се исуши, а потоа извадете ја хартијата од рамката.

калап Истата постапка може алтернативно да се направи со дрвен калап со мрежа и дрвена горна рамка (види слика). Дрвената рамка со мрежата свртена према горе и врз неа горната рамка се потопува во садот со хартиена каша. Со бавни движења напред назад се обезбедува рамномерно распоредување на хартиената каша врз мрежата.
Полека се вади дрвениот калап од садот и се отстарнува горната рамка, а долната рамка се превртува врз крпа или весници на кои е поставен волнен филц. Сместа со хартија ќе се излизга од мрежата. Врз хартијата може да поставите уште една ткаенина од волнен филц и со сукало да се помине врз ткаенината за да се исцеди водата од хартијата. Потоа се отстранува горната ткаенина, а потоа се одлепува хартијата од долната ткаенина и се обесува за да се суши. Сушењето трае околу 3 сата.
Процесот на сушење може да се убрза ако наместо да се обеси хартијата и чека природно да се исуши, таа се стави меѓу весници или две гази и испегла со врела пегла.

рециклирана хартија

 


© Web Design: UnaDesign