банер

Одржлив развој


погледнете го видеото "Одржливост"
Храна

Денешното конвенционално земјоделство поради прекумерната употреба на хемиски пестициди, вештачки ѓубрива и тешка механизација предизвикува ерозија, намалување на биолошката активност, стврднување и големо загадување на почвата и подземните води. Одреден процент од храната што се продава на пазарите загадена е со пестициди опасни за здравјето, или содржи дозволено количество на остатоци од пестициди. Дозволените граници на токсини во храната со време се акумулираат во телото и предизвикаат разни заболувања.
Современото производство на храна се третира како и секој друг производ на масовна потрошувачка и сè помалку се води грижа за квалитетот на храната, што отвора многу можности за лоши ефекти врз биодиверзитетот, здравјето и животната средина. Еден екстремен пример е генетската манипулација на семињата кои стануваат неплодни во втората генерација, па земјоделците се принудени да купуваат нови семиња од истиот производител. Прекинат е традиционалниот повеќегодишен органски низ на чување и селекција на семињата.
Флексибилност и креативност во изнаоѓање на нови (стари) начини на самоодржливост во производство на квалитетна храна ќе бидат важни предуслови за иднината.

Градежништво

Нашите ресурси полека испаруваат од неодржливо дизајнираните населби и градови во атмосферата и ни се враќаат во различни форми неповолни за нашите животи. Дојде време кога треба добро да размислиме што и како да направиме, ако сакаме да опстанеме како врста.
Затоа, треба да го препознаеме и поттикнеме одржливото градежништво. Градежништвото можеме да го сметаме одржливо ако целиот процес на добивање на суровини, производство на материјали, изградба и животен век на објектот како и згрижување на остатоците од објектот кога тој нема веќе да се користи ги задоволува условите кои не му штетат на луѓето, ниту на Земјата како целина или има најмало штетно влијание.
Во одржливото градежништво се користат оние локални ресурси кои што ни се на располагање, на пример дрво, слама, земја, камен и отпад. Таквите "зелени" објекти се градат со цел да бидат здрави и да им ги овозможат на жителите основните животни потреби - храна, вода и енергија, и за тоа да ја користат сончевата енергија, ветерот, биомасата и да ја собираат дождовницата од покривот. Таквите објекти се внимателно дизајнирани земајќи ги во предвид локалните климатски услови и достапните локални ресурси.

 


© Web Design: UnaDesign